Од Министерството за правда велат дека процесот е инклузивен и во него се вклучени претставници на политички партии, невладини, синдикати, министерства и други надлежни органи. Во краткото соопштение нема информации дали и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ има свој член со оглед дека на почетокот на месецов од Министерството реагираа дека партијата одбива да номинира свој претставник

Формирана е нова работна група што ќе работи на реформи на изборното законодавство кои подразбираат имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и на изработка на нов Изборен законик.
Претседател на работната група ќе биде адвокатот и експерт Александар Новаковски, кој е поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
„Ве информираме дека е формирана работна група за реформи во изборното законодавство која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно ќе работи и на нов Изборен законик. Овој процес е инклузивен и во него се вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес. Претседател на работната група ќе биде Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на ДИК“,
информираа од Министерството за правда.
Од краткото соопштение оттаму не е јасно дали сите политички партии имаат свои претставници во работната група.
На 3 април од ова министерство најавија дека наскоро ќе се формира работната група, но оти ВМРО-ДПМНЕ одбива да номинира свој претставник. Од опозициската партија, рекоа тогаш од Правда, немало никаков одговор – ниту позитивен ниту негативен. За ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ од Министерството за правда тогаш рекоа дека ги известиле сите меѓународни фактори и организации.