„Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде во државата“, изјави денеска Лога одговарајќи на новинарско прашање за досегашното искуство на Министерството со екстрадиции од Турција и дали нешто може да застане на патот во конкретниот случај
Министерството за правда денеска попладне соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку Министерството за надворешни работи по дипломатски пат ќе биде доставено до турските власти.
„Oригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција, а во скенирана верзија е пратен и до Интерпол. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок“,
се наведува во соопштението од Правда.
Барањето за екстрадиција, министерот Кренар Лога го потпиша вчера, со што отпочна процедурата за екстрадиција на првоосомничениот за грабнувањето и убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Во текот на денешниот ден, како што информираат од Министерството за правда, биле преведени сите потребни списи и документи на турски јазик.
Инаку, претходно денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на панел-дискусијата за корупција во високото образование, Лога изјави дека по добивањето на барањето очекува да биде остварен контакт и со министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч.
„Вчера (барањето) беше потпишано од моја страна, исто така сите списи од Министерството за правда беа преведени на турски јазик. Денеска до крајот на работниот ден исто така и од Јавното обвинителство ќе бидат преведени и денеска ќе биде пуштено и преку електронската пошта и преку нашата амбасада и верувам дека по добивањето на нашето барање ќе контактираме и со министерот за правда на Република Турција“,
рече Лога во изјава за медиумите пред почетокот на панел-дискусијата за корупција во високото образование.
Прашан за досегашното искуство на Министерството со екстрадиции од Турција и дали нешто може да застане на патот во конкретниот случај, Лога рече оти не верува и дека очекува за „релативно кратко време“ да добиеме позитивен одговор.
„Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде во државата“,
вели министерот за правда.
За временската рамка околу постапката во Турција и колку би било тоа „релативно кратко време“, Лога рече оти не може да каже во моментот, бидејќи не знае колку и дали осомничениот Палевски ќе ги користи правните механизми да се жали.
„Па не знам колку ќе ги искористи тој тие правни лекови да се жали или не. Не можам во овој момент и без да ги знам постапките во Турција да кажам колку ќе трае постапката во Турција“,
рече Лога.
Запрашан дали може да посочи некаков просек од други предмети во кои била барана екстрадиција, министерот за правда одговори:
„Значи, со сите држави во светот имаме одлична соработка и можам да кажам дека со оваа пракса верувам дека ова ќе биде релативно бргу“.
Од Министерството за правда вчера информираа дека по добиената потврда за апсењето на Палевски се во координација со сите засегнати институции, за што побрзо да се заврши постапката со барањето за екстрадиција и да не се чека до последен момент, односно до истекот на рокот од 40 дена.
Од Основното јавно обвинителство Скопје, исто така вчера, информираа дека го изготвиле барањето за екстрадиција од Турција на Љупчо Палевски-Палчо и дека е итно доставено до Министерството за правда.
Оттаму информираат дека во барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната документација, која ги вклучува наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд му е определен бранител по службена должност и му одреден притвор, како и наредбата за распишување меѓународна потерница. На турските власти, исто така, ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство.
Љупчо Палевски-Палчо беше уапсен завчера во близина на турскиот град Баликесир откако по него Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница.
Тој е првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓоршевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Покрај него, осомничени се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие, според истражната постапка што против покрена Обвинителството, се товарат за две кривични дела грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.
Петтоосомничен во случајот е таткот на Вања, Александар Ѓорчевски, се сомничи дека помогнал при грабнувањето на девојчето, давајќи информации во колку часот неговата ќерка ќе излезе од дома.