Вчера во Собранието имаше жестока расправа. Опозицијата обвини дека ребалансот е расипнички, а власта тврдеше дека е развоен
Денеска напладне почнува втор ден расправа за ребалнс на Буџетот, откако вчера се најде на пленарна седница по завршување на општата и амандмантската расправа во Комисијата за финансирање и буџет.
Вчера во Собранието имаше жестока расправа. Опозицијата обвини дека ребалансот е расипнички, а власта тврдеше дека е развоен.
Првиот финансиер Фатмир Бесими рече дека со ребалансот се дава поддршка за повисоки плати и пензии, земјоделски субвенции и за антикризни мерки. Рече дека со амандманите се обезбедуваат 25 милиони денари за проекти за здравството, животната средина и инфраструктурата.
Пратениците од власта велеа дека ребалансот е наменет за заздравување на економијата од пандемијата и од електро-енергетската криза бидејќи 76 милиони евра се пренаменуваат за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите.
Пратениците од опозицијата, пак рекоа дека земјата се движи кон рецесија и сиромаштија. Според пратениците, во ребалансот не се прифатени суштински амандмани со кои ќе се подобрува животниот стандард.
Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или се околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од пет проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.