На првата собраниска седница во новата година ќе бидат на дневен ред интерпелациите за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, а што минатиот месец ги поднесоа од пратеничката група на „Европскиот фронт“

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата е првата што ќе почне со работа годинава. Како што може да се види на веб-страницата на Собранието, претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, седницата ја има закажано за утре напладне.
Пратениците на комисиската седница ќе расправаат за утврдување на предлог-oдлука за избор на заменик-директор на Агенцијата за заштита на личните податоци. Потоа пратениците ќе треба да разгледаат барање за остварување на плата по престанок на функцијата член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, како и на заменици на генералниот секретар на претседателката на државата.
За 10 јануари, пак, е закажана првата пленарна седница, а истиот ден треба да биде и конститутивната седница на Клубот на пратенички во овој состав на Парламентот.
На пленарната седница пратениците ќе ги разгледуваат петте интерпелации што беа поднесени минатиот месец од страна на пратеничката група на „Европскиот фронт“.
Прва ќе биде разгледувана интерпелацијата за вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за која од „Европскиот фронт“ рекоа дека е поднесена затоа што тој е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи.
Втората интерпелација е онаа за заменик-претседателот на Владата и министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, која е поднесена поради неговото непостапување и неизјаснување во врска со настаните во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ, во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
Интерпелациите за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени исто така ќе бидат разгледувани на 10 јануари.
Во образложението што го дадоа од „Европскиот фронт“ за овие интерпелации се вели дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, ѝ наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
Последната интерпелација е онаа за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади – Илире Даути, што е поднесена од пратениците од Левица, а која е поради блокада на законот за бранителите.
Во образложението од Левица се вели дека откако била изгласана потребата за носење на овој закон Даути не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот за бранители на дневен ред.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на последната средба со новинарите, што беше на крајот на декември, рече дека интерпелациите на дневен ред ќе бидат ставени како што е по Деловник, ако има одговори, ќе бидат ставени како што доаѓаат одговорите, ако не – ќе бидат како што доаѓале.
„По Деловник ќе работиме. За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја“,
рече Гаши.
По поднесените интерпелации, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека нема да дадат поддршка оценувајќи дека тие во овој момент не претставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа.