По пет дена расправа, со 56 гласови „за“ и 37 „против“, пратениците денеска попладне го изгласаа ребалансот на Буџетот за 2021 година.
За власта, ребалансот е развоен и со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички и со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.
Во текот на собраниската расправа имаше меѓусебни обвинувања кога граѓаните живееле подобро, дали во време на владеење на оваа или на минатата власт, кога имало повисоки плати, колку имало капитални инвестиции, колку автопатишта биле изградени… Пратениците од мнозинството велат дека со ребалансот се обезбедуваат средства за инвестиции, за Армијата, за човечкиот капитал, за здравството, за развој на економијата, за земјоделството, додека пак опозицијата смета дека тој го отсликува неодговорното работење на оваа власт.
Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари, додека расходите изнесуваат 268,8 милијарди денари или проектираниот дефицит е во износ од 46,2 милијарди денари.