Пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, кој живее во Куманово најави дека од утре неговите сограѓани бесплатно ќе можат да патуваат со него до Скопје и назад.
„Време е со личен пример да покажеме дека сме на располагање на граѓаните во вистинска смисла на зборот… Мал гест, ама искрен и од срце “,
пишува Костовски на Фејсбук.
Пратеникот во изјава за интернет-портал „Од прва рака“ вели дека за време на патувањето ќе биде отворен за прашања и разговор со сопатниците за актуелни проблеми што ги засегаат.
„Оние кои патуваат во Скопје а особено (пациенти, студенти и генерално секој кој патува до главниот град) дека можат секојдневно тоа да го сторат така што ќе патуваат заедно со него. Имено негова идеја е, од причина што граѓаните се тие кои учествуваат во покривањето на патните трошоци на пратениците (преку плаќање на даноци) тие да бидат и корисниците на овој превоз. Пратеникот секој ден ќе застанува близу Основниот суд или Општата Болница во Куманово, каде што било кој кумановски граѓанин кој има потреба да патува во Скопје ќе може тоа да го направи заедно со Костовски, без никаков надомест, а истовремено доколку сака ќе може да поразговара со пратеникот за било каков проблем или прашање што го тангира него како граѓанин“,
се вели во текстот што пратеникот го сподели на Фејсбук.
Костовски додава дека на овој начин сака да биде пример за сите функционери.
„Притоа на шала истакна дека нема намера да им биде конкуренција на транспортните претпријатија, туку еве со мал гест на дело да покаже дека време е секој носител на функција да биде жаргонски кажано “нормален народски човек”,
пишува порталот.