Пратеничката од редовите на најголемата опозициска партија, но и универзитетска професорка по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, се изјасни против измените на Изборниот законик зад кои застана и нејзината матична партија. Својот став таа го кажа на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, каде имаше обид да се разгледаат предлог-измените по експресно поминатата процедура за носење на законот по скратена постапка на пленарна седница.
„Изборниот законик, како што и рече претходниот говорник, е толку важен закон што секогаш се вели дека треба да се менува, односно не треба да се менува една година пред изборите. А никако шест месеци пред изборите. Промената на изборниот модел е толку важна или изборните модели се толку важни за изборите во најголем број држави да се уставна материја. Зошто? За да не може да се менуваат лесно. Еве, ние што се занимаваме со изборно право велиме дека многу често се зборува за промена на изборниот систем, но дека е, всушност, тоа најпроменливиот дел од изборното законодавство. Што значи тоа? Дека е потребен широк консензус”,
изјави Гордана Силјановска Давкова.
Предлог-измените на Изборниот законик се на предлог на четирите најголеми политички партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Власта тврди дека предлогот е усогласен со политичките партии. Сепак, против се малите политички партии и претставници на независните листи. Измените, меѓу другото, предвидуваат воведување на отворени листи, како и минимален праг од 2% потписи од избирачите во една општина за кандидирање на независна листа. Малите партии и независните листи сметаат дека со тоа се намалува демократијата во земјата на сметка на „големите партии“.
Измените влегуваат во собраниска процедура на само три месеци пред локалните избори.