Разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, кое беше иницирано од нејзиниот заменик Селим Адеми, опозицијата го оцени како скандалозно, а фактот дека е противуставно и е извршено без никаква процедура, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е еден од доказите дека во земјава не постои владеење на правото ниту почитување на највисокиот правен акт туку само слепо извршување на наредбите од власта
Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери денеска до Собранието поднеле информација за состојбата во Судскиот совет, која бараат да биде ставена како точка на дневен ред на следната пленарна седница на Собранието закажана за 10 мај.
Опозицијата бара објаснување за состојбата во која се наоѓа Судскиот совет, а која, како што велат, довела до противуставно и противзаконско разрешување на претседателката на ова тело – Весна Дамева.
Разрешувањето на Дамева, кое беше иницирано од заменик-претседателот на Судскиот совет Селим Адеми, опозицијата го оцени како скандалозно, а фактот дека е противуставно и е извршено без никаква процедура, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е еден од доказите дека во земјава не постои владеење на правото ниту почитување на највисокиот правен акт туку само слепо извршување на наредби од власта.
„Поднесувајќи ја оваа информација до Собранието, ние бараме итни и брзи одговори од најодговорните кои го доведоа Судскиот совет до ниво на приватна и лична алатка за меѓупартиски и меѓукоалициски обвинувања и пазарења, но и од оние кои претходно дадоа поддршка на Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа, кои се избрани токму во Собранието, од колегите од владејачкото мнозинство“,
изјави заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.
Панова додаде дека уште при изборот на Весна Дамева за член во Судскиот совет во 2019 година, ВМРО-ДПМНЕ апелирала дека таа е неподобна за оваа позиција поради, како што рече, нејзината политичка заднина и активно учество во органите на владејачкиот СДСМ.
„И покрај укажувањата дека Весна Дамева не може да биде член на Судскиот совет, таа во декември 2022 година станува негов претседател, доаѓајќи на местото на Павлина Црвенковска која се повлече од функцијата поради судири и несогласувања помеѓу судско-бизнис елитата. Само неколку месеци подоцна откако Весна Дамева го води Судскиот совет, целата македонска јавност е сведок на уште еден скандал кој несомнено ќе придонесе довербата на судството да падне и под оние веќе мизерни 3 проценти“,
додаде пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Панова подвлече дека ова е тема којашто не смее да биде игнорирана и побара, согласно Деловникот, информацијата која ја поднесе нејзината пратеничка група да биде прва точка од дневниот ред на наредната пленарна седница која треба да се одржи идната среда, односно на 10 мај.