Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа комисија, рече пратеникот Антонијо Милошоски
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска поднесе барање до пратеникот Панчо Минов, претседател на Комисијата за деловнички прашања и прашања од етичкиот кодекс, во најкус можен рок да закаже седница на којашто ќе се расправа за случајот со претседател на Собранието Талат Џафери, кога при преносот во живо од собраниска седница на 11 мај, се слушна негова комуникација на висок тон со вработени во собраниските служби на 11 мај годинава.
„Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа комисија. Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на Етичкиот кодекс“,
информира пратеникот на Антонијо Милошоски.
Милошоски потсети дека Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано Етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што, како што појасни во член 14, е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.
„Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што Етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство. Апелирам, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на Етичкиот кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгарностите беа родово базирани на стереотипите на коишто очигледно сè уште во својот софтвер ги има Талат Џафери иако е претседател на Собранието“,
наведе Милошоски.
Од опозицијата очекуваат Минов да не одолговлекува и дека ќе ја закаже седницата во најкус можен рок за да можат како што рече со аргументи да донесат и санкција за спикерот Талат Џафери.
Веднаш откако снимката се појави во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ побара Џафери да си поднесе оставка поради скандалозен и примитивен однос и пцостите и навредите за вработените кои се недозволиви.
Премиерот Димитар Ковачевски тогаш изјави дека ја прегледал снимката, но рече дека не може да ја коментира зашто, како што изјави, од неа не може да се заклучи ниту кој разговара ниту со кого разговара.
Левица побара собраниската Комисија за деловнички прашања да му изрече суспензија на собранискиот претседател.