Руско-српскиот хуманитарен центар е присутен во регионот уште од 2012 г., формиран е за хуманитарни цели, за изведување операции од спасувачки карактер, меѓутоа инсистирањето од руска страна цело време персоналот таму да има специјален статус, дипломатски статус става неколку прашалници, вели директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, на прашањето – каква е улогата на Центарот во Ниш во хибридните закани и напади во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија
Инсистирањето од руска страна персоналот што работи во Руско-српскиот хуманитарен центар во Ниш да добие дипломатски статус става неколку прашалници, вели директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат на прашањето – каква е улогата на Центарот во Ниш во хибридните закани и напади во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
„Руско-српскиот хуманитарен центар е присутен во регионот уште од 2012 г., формиран е за хуманитарни цели, за изведување операции од спасувачки карактер, меѓутоа инсистирањето од руска страна цело време персоналот таму да има специјален статус, дипломатски статус става неколку прашалници. Од друга страна, Србија за целиот период успешно ги отфрлаше овие инсистирања од руска страна. Успешно зашто голем беше притисокот од руска страна персоналот да добие дипломатски статус, а реално службениците што работат таму не треба да имаат дипломатски статус“,
изјави Муслиу.

Муслиу вели дека по руската агресија врз Украина, барем засега, не постои конвенционална закана за безбедноста на земјава, бидејќи конфликот е далеку, а Северна Македонија е и членка на НАТО, но тој предупредува дека постојат индиректни закани односно хибридна стратегија која Русија ја имплементира уште од 2012 или 2013 г.
„Кога се креира хибридна стратегија не мора да значи дека тоа ќе биде хибриден напад. Кога ја создаваат хибридната стратегија, стратезите ставаат на маса се што им е на располагање – од политика, дипломатија, разузнавање, економија, енергетска безбедност, воено–индустрискиот капацитет, лажни вести и, на крај, сајбер-напади. Креатор на руската хибридна стратегија е денешниот командант на Генералштабот на руската армија, Герасимов. Впечатокот ми е дека Русија, до пред почетокот на агресијата, многу подобро функционираше со доктрината на Герасимов да бидат присутни и да влијаат во регионот не само на Западен Балкан и во други региони. Преку таа стратегија беа поефикасни отколку сега кога нивната воена моќ се виде дека не е толку координирана“,
вели Муслиу.
Тој вели дека до пред почетокот на агресијата врз Украина, Русија важела за добро организирана но непредвидлива структура, а сега со отпочнување на агресијата и нивната стагнација во Украина, се отстранува делот дека се добро организирани, но останува делот дека се непредвидливи.
„Поентата е во тоа што во изминатите месец и пол се почесто слушавме можност за употреба на нуклеарно оружје. Имаше неколку официјални лица од Москва кои упатуваа такви пораки – ова е делот од можна конвенционална закана. Индиректно, дефинитивно постојат закани а тоа се хибридните закани“,
кажа Муслиу.