Пациентот имал 35 отсто изгореници од трет степен и изгореници во дишните патишта
Дваесет и деветгодишниот Александар Гавриловски е 61. жртва од пожарот во Кочани. Тој, како што изјави министерот за здравство Арбен Таравари, бил еден од четворицата критични пациенти. Се лекувал во Литванија.

Пациентот бил во критична состојба од почетокот, а на лекување во Литванија бил испратен на 17 март. Пред три дена, на 4 април, состојбата дополнително му се влошила, а од вчера бил ставен на хемодијализа.
Починал денеска во 11 часот.
„Покојниот Александар имаше 35 отсто изгореници од трет степен со изгореници во дишните патишта. Еден од потешките пациенти од четворицата беше и Александар“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
Додаде дека во моментов на лекување остануваат уште двајца критични пациенти кои се во стабилна состојба.
„Ова е вториот пациент којшто почина од 193 што ги третиравме внатре и надвор од државата. Би сакал да изразам сочувство до семејството. Остануваат уште двајца критични пациенти. Вкупно пациенти што се лекуваат надвор од државата се 66, во Македонија се лекуваат 10 пациенти“,
додаде Таравари.
Бројот на жртви од пожарот во Кочани од 59 се зголеми на 61 во рок од четири дена откако на 4 април почина Александар Карадаковски, управителот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани кој, исто така, се лекуваше во Литванија.