Од ЦУК велат дека пожарот целосно бил изгаснат денеска околу 9:30 часот
Целосно е изгаснат пожарот што повеќе од триесет часа гореше во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот што утринава во шест часот сè уште беше активен е изгаснат неколку часа подоцна.
„Во 6 часот, денеска 3.2.2024, е добиена информација од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје дека пожарот сè уште бил активен и на терен биле три противпожарни возила, а околу 9:30 часот пожарот бил доизгаснат“,
информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата дополнително ќе се утврдува.
Гаснењето на пожарот, како што рекоа вчера од ЦУК, било отежнато поради големата количина чад и високата температура во подрумите на зградата во кои, како што додаваат оттаму, била складирана поголема количина запаливи материјали. Поради тоа во гасењето беше вклучено и специјално противпожарно возило на Армијата.
Станарите беа евакуирани преку кровот на зградата од каде беа симнати со посебни скали на противпожарно возило.
Поради вдишување на чад вчера на Детската клиника и на Токсикологија медицинска помош побараа 12 деца и 31 возрасен. Децата се на возраст од пет месеци до 11 години. Неколку од нив биле приклучени на кислородна поддршка на Детската клиника. Од лицата што побарале помош на Клиниката за токсикологија, пак, петмина се хоспитализирани за понатамошно следење на состојбата.