Пожар во голем метален контејнер, во кој имало лесно запалив материјал, ја испразни фабриката „Леар“ во технолошко-индустриската развојна зона во близина на Тетово.
Од тетовската противпожарна единица за „360 степени“ велат дека пожарот избувнал околу 15 часот денеска и за среќа не го зафатил објектот. Вработените не биле доведени во опасност.

„Интервениравме со три возила и осум пожарникари на самото место. Пожарот е ставен под контрола и се работи на негова целосна ликвидација“,
изјави Ука Алити, командир на ТППЕ-Тетово.

Според информациите на „360 степени“, чадот брзо навлегол во внатрешноста на фабриката преку вентилацијата, по што вработените панично го напуштиле објектот.

Засега нема информација како настанал пожарот.