Од ЦУК велат дека излетнички оган се гасне целосно пред да се замине и не се остава сам да догори

Четворица пожарникари со две противпожарни возила вчера гаснеле пожар во напуштена куќа и штала во селото Марчино во Пробиштип, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарникарите интервенирале во периодот од 13:55 до 18 часот.
Од ЦУК велат дека причина за пожарот бил недогаснат оган што од страна на излетници бил запален во дворот. Заради ветер, додаваат од ЦУК, пожарот се разгорел и ја запалил околината, а потоа и шталата и куќата.
Овој пожар, додаваат од ЦУК, опоменува дека излетнички оган се гасне целосно пред да се замине и не се остава сам да догори.
Вчера, имало седум пожари на отворено и од ЦУК велат дека сите биле изгаснати.