Судот го прифати барањето на одбраната на министерот за одложување на рочиштето, кое беше доставено со образложение дека тој е на службен пат во Чешка
Адвокатот Трајче Торов, пак, кој во предметот ги застапува Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и неговиот претседател Бил Николов, забележа дека судењето се одолговлекува, а кон барањето за одложување на денешното рочиште не биле поднесени докази за оправдано отсуство на министерот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ниту денеска не се појави во Граѓанскиот суд каде што требаше да даде исказ по однос на тужбата за навреда и клевета која против него во јануари годинава ја поднесоа Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и неговиот претседател Бил Николов.
Судот го прифати барањето на одбраната на Османи за одложување на рочиштето поради отсуство на министерот. Османи, како што наведе неговиот адвокат Љупчо Илиев, не е во можност да присуствува на денешното судење поради учество на Форумот на економска и еколошка димензија на ОБСЕ, кој од вчера се одржува во Прага.
Ново рочиште е закажано на 26 декември – термин кој, според адвокатот на министерот Османи, е посоодветен.
Адвокатот Трајче Торов, пак, кој во предметот ги застапува Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и неговиот претседател Бил Николов, забележа дека судењето се одолговлекува, а кон барањето за одложување на денешното рочиште не биле поднесени докази за оправдано отсуство на министерот.
„Секогаш има некакви причини поради кои не е присутен на рочиштата, некакви состаноци, меѓутоа министерот треба еднаш да одбере и таму да одложи и да дојде на ова судење“,
вели Трајче Торов, адвокатот кој ги застапува ММДЧП и неговиот основач Бил Николов.
Додава дека по барање на одбраната, судењето може да се одржи и без присуство на Османи, но, како што вели, во тој случај Судот да го земе предвид фактот што министерот го развлекува судењето и избегнува да доаѓа на суд.
Ова е вторпат како се одложува судското рочиште на кое шефот на дипломатијата Бујар Османи требаше да даде исказ во врска со тужбата за навреда и клевета која против него ја поднесе ММДЧП. Претходното, кое беше закажано на 29 мај, се одложи поради учеството на Османи на Форумот „Глобсек“ во Братислава.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) поднесе тужба против Османи откако шефот на дипломатијата во октомври минатата година за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се провери кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград поради чувствителноста на билатералните односи и да се види дали навистина има добронамерност или е дел од туѓа агенда.
ММДЧП, како што тогаш наведуваа медиумите, го тужи министерот бидејќи ја посочил организацијата како еден од финансиерите на отворањето на клубот во Благоевград наведувајќи дека станува збор за фондација која е антиамерикански, анти-НАТО и анти-ЕУ ориентирана, што е спротивно на интересите на македонските граѓани и на македонската заедница во Бугарија. Османи, според ММДЧП, ги изнел тврдењата на прес-конференција на 11 ноември 2022 година.
Освен против министерот за надворешни работи, Македонското меѓународно движење за човекови права до Основниот граѓански суд во Скопје поднесе тужба за навреда и клевета и против редакцијата на „360 степени“. Причината беше новинарски текст за македонскиот клуб во Благоевград, во кој беше и улогата на ММДЧП во отворањето на клубот и ставовите на организацијата и нејзиниот основач Бил Николов. Движењето со седиште во Торонто ја поднесе тужбата на 27 јануари оваа година. „360 степени“ достави одговор на тужбата, во кој ги побива сите тврдења за навреда и клевета против ММДЧП.
Неколку дена пред денешното рочиште, ММДЧП ја повика јавноста да го следи денешното рочиште преку соопштение. А во соопштението, меѓу другото, пишуваше:
„Режимот во Македонија беше инсталиран од САД да ги исполни американските надворешно-политички интереси и со сила да го наметне крајно навредливото име ‘Северна Македонија’, а сега продолжува со уништување на македонскиот етнички идентитет и со брутално кршење на човековите права и прогон на дисидентите“,
пишува во соопштението на ММДЧП од 12 септември 2023 година.