Црногорското Национално координативно тело за заразни болести повторно прогласи епидемија на коронавирусот на територијата на целата земја.
Од денеска се воведуваат неколку нови привремени мерки – задолжителното носење заштитни маски на отворен и затворен простор на целата територија на Црна Гора, а обврската важи и за деца постари од седум години.
Маските не се задолжителни на плажите и во националните паркови, под услов да се одржува физичко растојание и претходно пропишани мерки.
Собирања се ограничени на целата државна територија на максимум 40 лица на отворени јавни места и на 20 лица во затворен простор, со обврска да се почитува физичкото растојание од најмалку два метра.
Исто така, се наведува дека поради екстремно високиот епидемиолошки ризик од одредени собири, примената на мерките донесени на 30 јуни, што се однесуваат на забраната за работа на диско клубови, барови и ноќни клубови, како и организирање свадби, матура и роденденски забави, е продолжена до 6 август.