„Исфрлена од патот кон ЕУ“ беше терминот што го употреби шефот на австриската дипломатија Шаленберг, преведувачката тоа го преведе како „изолација“, а Мицкоски вели дека министрите од ЕУ го уверувале дека рекле „доцнење“
Забуна во медиумите, јавноста и во некои политички кругови внесе дел од вчерашниот настап на австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, кој на прес-конференцијата во македонското МНР, зборувајќи за потребата од уставни измени, рече дека доколку тие не се случат, земјата ризикува да биде „thrown off”, што на македонски јазик би се превело „исфрлена“ од патот кон ЕУ.
„Ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период, да биде (thrown off) исфрлена од патот кон ЕУ“,
изјави Александер Шаленберг.
Официјалната преведувачка на настанот во МНР таа фраза ја преведе со „изолирана“. Подоцна, терминот „изолација“ се најде во многу наслови на новинарски текстови посветени на посетата на шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и на Словачка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој само неколку часа по оваа изјава се сретна со министрите Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, вели дека тие го уверувале оти не бил споменат терминот „изолација“, туку „доцнење“.
„Од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале, како што вие велите, (се обраќа на новинарот што го постави прашањето) зборот изолирање, туку рекле дека ќе има задоцнување во процесот…“,
изјави Мицкоски денеска во Прилеп.
„Изолација” не беше спомената, но беше употребена можеби уште посилна фраза – „исфрлање од патот кон ЕУ”, како што се гледа и слуша во следното видео:
Различно толкување и на главната порака на министерската тројка
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, според неговата денешна изјава, поинаку ги разбира и изјавите на тројката Шаленберг-Липавски-Влаховски за важноста на уставните измени за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.

„Имавме навистина аргументирана дебата во Собранието, ги кажавме нашите ставови. Тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за, како што вие велите, изолирање на Македонија“,
рече денеска Мицкоски.

Но, ако се преслушаат изјавите на министерската тројка од ЕУ, особено онаа на шефот на австриската дипломатија Шаленберг дадена во Министерството за надворешни работи, лесно се заклучува дека европските министри процесот на евроинтеграции го ставаат во директна корелација со процесот на уставни измени.
„Доаѓаме со едноставна и силна порака, а тоа е порака на охрабрување – нема време за губење, би сакале да продолжите со неопходните уставни измени за да продолжите со преговорите за членство. Да се одложи усвојување на амандманите, значи да се одложи пристапувањето. Би било штета, откако истрчавте еден тежок маратон, да се сопнете на последната пречка“,
изјави австрискиот министер Шаленберг.

Во продолжението на изјавата, Шаленберг вели дека на масата има само еден, како што вели, договор и дека сега е моментот да се дејствува реферирајќи се на промена на Уставот, обврска што земјава ја презеде со Преговарачката рамка.
„Треба да се биде политички одговорен и да се имаат предвид државните, а не партиските интереси. Тоа што е на маса е единствениот договор. Нема друг, моментот за дејствување е сега. Не се мешаме во внатрешните работи на земјата, решението може да дојде само од Северна Македонија. Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, од Прага или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред“,
порача Шаленберг.
Идната недела се очекува продолжување на посетите на меѓународни претставници на тема уставни измени – во Скопје ќе допатуваат министрите за Европа на Германија, Франција и на Полска.
Денеска Мицкоски им порача да не се надеваат дека ќе го разубедат.