Според проценките, вчера од истата шума биле зафатени од 10 до 15 хектари, а за да може да се локализира пожарот, вчера на помош се вклучија и авион на ДЗС и полициски хеликоптер
Попладневно повторно пламнаа огнените јазици во т.н. Гоцева шума на територијата на Општина Неготино, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). На терен веќе интервенираат 10 пожарникари со пет противпожарни возила.
„Регионалниот ЦУК Велес известува според информацијата од ТППЕ Неготино, дека пожарот што во текот на вчерашниот ден беше активен во месноста ‘Гоцева шума’ во Општина Неготино, а што во текот на ноќта беше изгасен, денеска попладне повторно е реактивиран. Била зафатена со оган борова шума. На терен веќе интервенираат пожарникарите од ТППЕ Неготино со 10 пожарникари и пет противпожарни (ПП) возила“,
велат од ЦУК.
Во вчерашниот пожар во Гоцевата шума, според проценките, биле зафатени од 10 до 15 хектари борова шума. Во гаснењето вчера помагаа и авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР), по чија интервенција беше соопштено дека огнот е локализиран.
Шумата која вчера и денеска гори кај Неготино, била подигната есента во 1972 година, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и оттаму и потекнува името Гоцева шума.
Пошумувањето на спомен-шумата било државен проект на Инвестицискиот фонд за пошумување на голините. Пошумени биле околу 350 хектари површина со зимзелени и листопадни дрвја, како црн бор, маслинка, чемпрес, кедар.
Ова не е првпат да гори дел од Гоцевата шума. Пожар имаше и во август 2016 година кога изгореа околу 30 хектари борови дрвја, трева и меѓи, а беа зафатени и лозови насади.