Изминатиот период докторите и училиштата апелираа да не се практикува овој предизвик
Уште две деца викендов биле примени во Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје поради повреди предизвикани од новиот предизвик на Тик-ток познат како „Супермен“.
Како што информира за МИА директорот на болницата, д-р Небојша Настов, петнасетгодишна девојка е примена на болничко лекување со скршеница на два слабински пршлена. Викендот со повреди на зглобовите на рацете била примена и ученичка која го прифатила Тик-ток предизвикот.
Директорот на клиниката „Св. Наум Охридски“, Настов, вели дека овој предизвик може да остави и доживотни последици и зависи од ударот при падот.
„Викендов се претежно овие два нови случаја, иако имавме затишје во текот на претходната недела. Во едниот случај е повредено 13-годишно девојче со скршеници на двете подлактици. Во другиот случај има потешка повреда, 15-годишна пациентка е хоспитализирана со скршеница на два слабински пршлена. Хоспитализирана е само за опсервација, а понaтaму ќе продoлжи со конзервативен третман“,
изјави Настов.
Изминатиот период докторите и училиштата апелираа овој предизвик да не се практикува.
Во предизвикот дете со крената рака како Супермен се затрчува кон група која има испружено раце и откако ќе го фатат детето, го фрлаат во воздух. Другите деца се тргаат настрана, а очекувањата се дека Супермен ќе „летне“, па на крајот ќе се спушти и ќе застане на нозе.
Но, во почести случаи детето паѓа наземи и се здобива со повреди.