Во последното деноноќие се регистрирани над десетина пожари. Имало пријави за запалена трева, нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаселе и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата, информира ЦУК
Настрадало повозрасно лице при гасење пожар на отворено во атарот на селото Псача, Кумановско, известува Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.

Оттаму соопштуваат дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце го пронашле лицето кое, како што велат од ЦУК, најверојатно настрадало поради задушување од чад при интервенција од 20:30 часот до 00:10 часот во атарот на с. Псача.
„На местото на настанот увид вршеле екипата на СВР и медицинската екипа. Подетални информации ќе има откако ќе се заокружи истрагата. Опожарена била сува трева со површина од околу 0,4 хектари“,
велат од регионалниот ЦУК Куманово.
Според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи, ЦУК информира дека сè уште има пожари на шуми и на вегетација на отворено во државата.
„Во последното деноноќие имало над десетина регистрирани пожари, по пријава за запалена трева, нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата“,
велат од ЦУК.
Од десетината зимски пожари на отворено во последното деноноќие сè уште три се водат како активни.
„Пожарот над с. Лешница (Општина Желино), пожарот на планината Жеден и шумски пожар во атарот на с. Јамиште (Општина Пробиштип). Состојбата се следи од надлежните ангажирани тимови“,
соопштија од ЦУК.
Оттаму апелираат да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Според статистиката на ЦУК, во последното деноноќие имало вкупно 1 986 повици на единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 41,15 отсто, а 58,85 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
„Кон Полиција биле упатени 60,49 отсто, кон Итната медицинска помош 28,70 отсто, кон пожарникарите 7,72 отсто, а кон АМСМ 0,93 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот на повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 2,16 отсто со другите 58,85 отсто што се именувани како ’неитни повици’, биле вкупно 1 416 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи“,
соопштија од ЦУК.
Пред два дена од ЦУК информираа дека на врвот на планината Жеден избувнал пожар. Оттаму соопштија и дека ќе ангажираат воздухоплови за гасење на огнот.