Предлогот за повисоки еколошки такси од 3,5 и 3,1 денар за увоз на нафтени деривати попладнево помина на седница на Владата.
Тие се усвоени како предлог-измени на Законот за животна средина и сега ќе се испратат до Собранието за усвојување.
Предлогот предвидува повисоки давачки за увоз од 3,5 денари за: моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстралесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут). Зголемување од 3,1 денар, пак, е предвидено за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 г/л како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите.
„Основната цел поради која се предлагаат овие измени и дополнувања се доуредување на делот за финансирање во животната средина, доследна примена на начелото ’загадувачот плаќа‘ и прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина“,
соопштија од Владата.
За разлика од денешниот усвоен предлог за зголемување на давачките за увоз на нафтени деривати, Владата вчера усвои предлог за намалување на ДДВ за електрична енергија за домаќинствата. Според вчерашниот усвоен предлог, ДДВ за струја од 18 отсто се намалува на 5 проценти за периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022. За периодот од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023, пак, предлогот предвидува ДДВ да изнесува 10 проценти, а од 1 јули 2023 повторно ќе се врати на сегашните 18 отсто.
И овој предлог ќе се најде на дневен ред во Собранието, а од Владата вчера образложија дека намалувањето на данокот е со цел да се намалат трошоците на домаќинствата.