Производите кои беа најавени од страна на министерот за финансии, а кои ќе имаат повисок ДДВ и кои влегуваат во прехранбената индустрија, не се основните прехранбени производи кои се користат на дневна база, како што се лебот, маслото за јадење, оризот, јајцата, млекото, вели Бектеши
Покачувањето на данокот за додадена вредност од 5 на 10 отсто за одредени прехранбени производи, според министерот за економија Крешник Бектеши, не е удар по џебот на граѓаните, туку спротивно на тоа.
Бектеши, во интервју за „Гласот на Америка,“, ја оправдува одлуката на владата за зголемување на ДДВ-то за одредени производи, за кои вели дека не се основни прехранбени производи.
„Владата не удира по џебот на граѓаните, туку го прави спротивното. Прво и основно, треба да се грижиме за тие што се најранливи категории, а тие се оние што користат најмногу основни прехранбени производи. Производите кои беа најавени од страна на министерот за финансии, а кои ќе имаат повисок ДДВ и кои влегуваат во прехранбената индустрија, не се основните прехранбени производи кои се користат на дневна база, како што се лебот, маслото за јадење, оризот, јајцата, млекото. Зборуваме за производи како што се морски плодови, одредени видови на риби“,
вели Бектеши.
Бектеши уверува дека меѓу најранливите категории граѓани нема да има никакви промени во делот на зголемувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи.
„Минатиот месец го постигнавме тоа што го најавивме. Имаме инфлација под 10 отсто за првпат после една година. Ќе бидеме во рамките на тоа што е проектирано, а тоа е дека до крајот на годината во делот на основните прехранбени производи ќе имаме помала инфлација и тоа ќе биде помалку од 5 отсто од тоа што сме го најавиле“,
додава министерот.
На прашањето дека со новиот закон за ДДВ е планирано да има повисока стапка за даночење за пелетите, но и печките и котлите на пелети за следната грејна сезона, а минатата година Владата ги повикуваше граѓаните да се греат токму на ова гориво и која е логиката за ова, Бектеши вели дека постои Закон за трговија кој ги утврдува овие работи.
„Мерките што ги носевме беа времени, кои се однесуваа за справување со одредени кризи, почнувајќи од пандемијата, енергетската, па ценовната криза. Таму има простор, рамка, каде што во одредени моменти, кога ќе има дисбалансирање на пазарот за одредни производи, вклучувајќи ги и пелетите, ако се забележи дека има злоупотреба на цените за одредни производи, во овој случај на пелетите, тогаш Министерството за економија на првата владина седница може да ја укине целосно мерката како што тоа го има направено и претходно преку т.н. автономни мерки, каде се прават нула сите давачки“,
вели Бектеши.
Логиката една институција да повикува на инвестиција во печки на пелети, а потоа Владата да носи законско решение со кое се зголемува данокот, според Бектеши е во енергетската ефикасност и во заштеда на електрична енергија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера најави зголемување на ДДВ-то од 5 на 10 отсто за одредни производи и ја исчита листата. На неа се наоѓаат: кокосово масло, брашно од соја, путер од кикирики, сушени риби, гумени бонбони, слатки, месо од ирвас, тартуфи, сирење со мувла, пармезан, наполитанки, бисквити. Бесими рече дека овие производи и во Европа и во регионот немаат повластена тарифа.