Дебарско-кичевската епархија апелира верниците кои ќе отида во манастирот да одржуваат растојание и да носат шал или марама
Дебарско-кичевската епархија преку соопштение ги повика верниците од овој регион да ги почитуваат мерките на Владата за заштита од коронавирусот за време на претстојниот празник Свети Еразмо Охридски.
„Сметаме дека со нашето внимание и со грижата за себе, но, пред сѐ, со грижата за нашите ближни, можеме да придонесеме во голем дел што побрзо да се ослободиме од ова искушение. Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот ковид-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание“,
велат од Дебарско-кичевската епархија.
Истовремено е соопштено дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.
Празникот посветен на Еразмо охридскиот чудотворец почнува да се одбележува утревечер од 19 часот со празнична вечерна богослужба. Празнувањата продолжуваат задутре на 15 јуни од 7:30 часот со утрената богослужба, додека од 9 часот е предвиден почетокот на Светата архиерејска литургија, јави МИА.
