Спасувачките тимови трагаат по преживеани во илјадници урнатини од згради, и покрај студеното време и по стотината последователни потреси во регионот
Повеќе од 20 000 луѓе загинаа, а илјадници се повредени во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, покажуваат најновите податоци објавени од официјални лица во тие земји.
Спасувачките тимови трагаат по преживеани во илјадници урнатини од згради, и покрај студеното време и по стотината последователни потреси во регионот.
Бројот на загинати во Турција од разорниот земјотрес достигнал 17 134, со што вкупниот број на загинати во Турција и во Сирија достигна 20 451. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска рече дека во Турција биле повредени 64 194 лица.
Бројот на загинати во Сирија е најмалку 3 317, вклучително и 1 930 во областите на северозападот, под контрола на бунтовниците, соопштија „Белите шлемови“. Вкупно 1 262 смртни случаи се регистрирани во делови од земјата под контрола на сирискиот режим, објавија државните медиуми.
Најмалку 28 044 луѓе се евакуирани од Кахраманмараш, една од јужните турски провинции најтешко погодени од земјотресот во понеделникот, соопшти Турската агенција за управување со катастрофи.
Спасувачите продолжија да ги извлекуваат од урнатините луѓето кои беа заробени со денови, вклучително и една млада девојка заробена три дена.
Турција објави дека добила ветувања за помош од 95 земји и 16 меѓународни организации, а 6 479 спасувачи од 56 земји веќе биле активни во 10-те провинции погодени од земјотресот, додека тимови од уште 19 земји ќе бидат подготвени за помош во наредните 24 часа.
Турската агенција за управување со катастрофи, АХАД, соопшти дека регистрирала речиси 650 последователни потреси од двата земјотреси, што ги прави спасувачките напори уште потешки и опасни додека екипите за вонредни состојби пребаруваат под урнатините.