Од јули до октомври, секојдневно расте бројот на казнети, а овој месец рекордот е достигнат на 4 октомври, кога 1 000 граѓани добиле прекршочни казни
Во изминатото деноноќие МВР казнило 796 граѓани поради неносење заштитна маска.
Од воведувањето на мерката за носење лична заштита, секојдневни се апелите од надлежните дека таа е една од трите работи што придонесуваат за спречување на ширењето на вирусот. Овие апели особено се засилија последниве недели, кога бројот за заразени се искачи на рекордно ниво од почетокот на пандемијата.
Но, ако се анализира бројот на казни што се изречени за неносење маски само во последнава недела, може да се заклучи дека паралелно со порастот на бројот на заразени, расте и бројот на казни. На пример, вчера биле регистрирани 749 казни за непочитување на оваа мерка, на 18 октомври 702 казни, на 16 октомври 617, на 15 овој месец 628, на 14 октомври 624.
Рекордни, речиси 1 000 лица овој месец се казнети на 4 октомври.
Но, од дневната статистика што ја дава МВР, не може да се заклучи дали бројот на казни е резултат на поголемиот број контроли или, пак, е зголемен број на оние што одлучуваат да ја игнорираат мерката.
Еден од оние што најчесто апелираат за носење маски е министерот за здравство, кој на почетокот на месецов на својот фејсбук-профил постави профилна фотографија на која е со маска, и притоа порача:
Заборавив веќе не е оправдување. Заборавањето на основните мерки за заштита може да биде фатално. Не забораваш клучеви, телефон и пари? Не заборавај маска, дезинфекција и да држиш дистанца. Едноставно е.
Posted by Венко Филипче on Thursday, October 8, 2020
„Заборавив веќе не е оправдување. Заборавањето на основните мерки за заштита може да биде фатално. Не забораваш клучеви, телефон и пари? Не заборавај маска, дезинфекција и да држиш дистанца. Едноставно е“,
се вели во објавата.
На крајот на минатиот месец министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека се размислува за зголемување на казните за непочитување на оваа мерка.
Според него, казните се наплаќаат и сега, но со измените на потребните закони заради усогласување со Законот за прекршоци, кои се доставени во Собранието уште пред неговото распуштање поради изборите, тоа ќе биде многу полесно.
Рекордно непочитување регистрирано на 10 јуни
Но, ако се суди според дневните информации од МВР за бројот на оние што се казнуваат за неносење на овој тип лична заштита, казните не се проблем за граѓаните. Анализата во месеците наназад покажува дека тој број се зголемува.
Така, во септември бројот на изречени казни се движел од 408 до 437 казни во 24 часа, во август се движи од 271 до 501, а ситуација слична и во јули.
Сепак, најголема неодговорност и непочитување на мерката, МВР ја регистрира во јуни, кога дневните бројки се од 500 до над 1 100 казни за 24 часа.
Рекордот е достигнат на 10 и 11 јуни, кога биле изречени 1 143 и 1 068 прекршочни казни.
Најмалку казни се изречени на почетокот на воведувањето на забраната, кога бројката се движи од 28 до 284 казни дневно, но тоа се поврзува делумно и со фактот што во тој период полицијата повеќе предупредуваше отколку што казнуваше.
Носењето лична заштита на лицето е задолжително со уредба на Владата од 23 април годинава во земјава, при што граѓаните можат да избираат дали тоа ќе бидат маски, марами или шалови.
Обврската важи за надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Комисијата за заразни болести веќе предложи, а Владата ги прифати предлозите за носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот и ограничување на семејните собири, за кои треба да се изјасни Собранието, и да се вметнат во Законот за заштита на населението од заразни болести. Владата денеска најверојатно ќе расправа за дополнителните препораки од Комисијата, економските оператори да работат до 23 часот, јавниот превоз да работи со половина од капацитетот, а државната и јавната администрација да работат во смени, со ротација или онлајн.
Министерот Филипче вчера предупреди дека поради тоа што се работи за сериозна ситуација следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час.