За четворица од осомничените, меѓу кои и вработен во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Обвинителството поведе истрага за три кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. За тројца од нив ОЈО Скопје бара да им се одреди притвор, а едниот веќе е приведен во постапка за друго кривично дело
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 43 лица кои учествувале во повеќекратни измами на граѓани со брзи кредити. Сумата која незаконски ја прибавиле со овие дејствија надминува три милиони денари.
За четворица од осомничените, меѓу кои и вработен во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Обвинителството поведе истрага за три кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. За тројца од нив Обвинителството бара да им биде одредена мерка притвор, а едниот веќе е приведен во постапка за друго кривично дело.

Од Обвинителството додаваат дека останатите инволвирани во случајот се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
„Почнувајќи од јули 2022 година, користејќи различни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исти дела. Користеле исти трајни односи, исти прилики и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист“,
велат од Обвинителството.
Дел од осомничените без согласност користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера да се употребат како вистински. Внесувале лажни податоци во електронските системи на десетина различни друштва за брзи кредити, фалсификувале електронски потписи и без знаење на оштетените во нивно име земале кредити, создавајќи им обврска да ги враќаат наводно позајмените пари.
„Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагало осомниченото службеното лице вработено во ФЗО, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО (Единствен здравствен број на осигруреникот) кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Осомничените ги користеле лажните податоци да да подигнат по неколку кредити од различни друштва во еден ден, прибавувајќи значителна имотна корист. Парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на ваквите измами.