Од Обвинителството велат дека јавниот обвинител во претстојниот период ќе преземе повеќе дејствија за целосно утврдување на мотивите за настанот, а ќе биде наложено и психијатриско вештачење на 30-годишниот осомничен

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 30-годишен маж поради основано сомнение дека извршил убиство врз сопствениот татко.
Во соопштението од Обвинителството се вели дека инцидентот се случил на 12 јули во семејниот дом, каде што најпрво имало вербална и физичка пресметка.
Во куќата дошло до расправија и физички напад меѓу таткото и мајката на осомничениот.
По ова, синот зел нож, излегол во дворот и го нападнал таткото. Според наодите на Обвинителството, осомничениот му нанел повеќе од 30 убодни рани во пределот на вратот и градниот кош. Таткото од тежината на повредите починал на самото место.
Од Обвинителството велат дека јавниот обвинител во претстојниот период ќе преземе повеќе дејствија за целосно утврдување на мотивите за настанот.
Како дел од истражната постапка ќе биде наложено и психијатриско вештачење на 30-годишниот осомничен.
Со цел негово обезбедување во текот на кривичната постапката, јавниот обвинител предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
За случајот вчера информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што рекоа дека 31-годишниот скопјанец Б.Џ. бил приведен, а мајката била пренесена во болницата „Св. Наум Охридски“, каде што ѝ е укажана лекарска помош.
