По вербална расправија меѓу таткото на осомничениот и жртвата, 25-годишникот го зел автомобилот „фиат панда“, сопственост на неговиот татко, и со многу голема брзина се упатил директно кон оштетениот, намерно удирајќи го со возилото, се вели во образложението од велешкото обвинителство
Велешкото обвинителство поведе истрага против 25-годишникот од село Виничани кој пред два дена прегази соселанец.
Како што се вели во образложението од велешкото обвинителство, на 19 јули настанала вербална расправија за водоводна цевка во селото меѓу таткото на осомничениот и жртвата. По расправата, 25-годишниот осомничен заминал дома, го зел автомобилот „фиат панда“, сопственост на неговиот татко, и со многу голема брзина се упатил директно кон оштетениот, намерно удирајќи го со возилото.
„При ударот, оштетениот со глава удрил во ветробранското стакло на автомобилот, излетал во воздух и се закачил на жичана ограда од двор, по што паднал на земјата, здобивајќи се со многу тешки телесни повреди од кои починал на лице место“,
се вели во образложението од велешкото обвинителството.
Според надлежниот јавен обвинител, постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на осмомничениот и можност да влијае врз сведоците на настанот, но и веројатност дека би можел да го повтори или да стори ново кривично дело, па до судијата на претходна постапка тој доставил предлог за определување мерка притвор.