Потпишан е договорот за изградба на првите два километри од автопатот Скопје-Блаце. Потпис ставија директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, и генералниот директор на АД „Гранит“, Зоран Милковски, во присуство на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
„Денес исправаме неправда која, за жал, се провлекуваше речиси 20 години. Проектот Скопје-Блаце не е нов, туку иницијатива започната многу одамна, која на еден или на друг начин цело време е отстранувана од приоритетите на државава и за која беа потребни вонсериски напори за да се врати повторно во фаза на реализација во која е сега. Од денес овој проект влегува во иреверзибилна фаза, а динамиката на неговата реализација станува чисто техничко прашање. Неспорно е дека овој проект има и економска, и општествена, и политичка важност за Република Северна Македонија, проект кој претставува и дел од европската иницијатива за регионална соработка, изразена преку т.н. ,конективити агенда’ на Берлинскиот процес“,
рече Османи.
Регионалното поврзување е од особено значење за економскиот развој на државата и нејзино интегрирање во регионот, смета министерот Сугарески. Од тие причини силно се фокусирани на развој на патната мрежа со која, како што вели, ќе обезбедат поврзување со земјите од регионот заради побрз и полесен транспорт на стока и услуги.
„Косово е наш значаен трговски партнер, минатата година бележиме зголемување од над триесетина проценти во вкупната трговија, така што изградбата на автопатската делница ќе даде дополнителен инпут во зголемување на трговските релации во иднина“,
посочи Сугарески.
Во своето обраќање Зоран Китанов ги образложи деталите од договорот и предметот на изведба.
„Договорот е за градежни работи за првите 2 километри од граничниот премин ‘Блаце’ до клучката за село Блаце. По успешно спроведената постапка за јавна набавка, од пристигнатите понуди, како најповолен економски оператор што ќе ги изведува градежните работи е избрана компанијата ‘Гранит’. Вредноста на договорот е 747.239.717 денари без ДДВ или околу 12,2 милиони евра, додека работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведувањето во работа, што значи дека градежните работи ќе започнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето во 2021 година“,
истакна Китанов.
Целиот проект за автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од близу 13 километри и е проценет на близу 120 милиони евра, од кои 27 милиони евра како неповратен грант се обезбедени преку Рамката за Западен Балкан на ЕУ, околу 70 милиони евра се предвидени како заем од ЕБРД, а останатите средства се од буџетот на земјата.