Откако вчера Димитров го спомна јануари како опција за одлуката за старт на преговорите со ЕУ, денеска и Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“ вели дека декември е краток рок за договор меѓу Скопје и Софија
Четиринаесетти декември не е реалистички рок за постигнување целосен договор со Северна Македонија, изјави за радио БТВ Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“, кој се смета за најсериозен кандидат за министер за надворешни работи во новата влада во Софија
Според Лорер, ако единствено историјата биде оставена да ги движи преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, тоа нема да биде доволно добар резултат и за двете страни.
Тој вели дека ќе бидат отворени и дополнителни дискусии во однос на економскиот напредок меѓу двете земји.
„Почитувањето на правата на македонските Бугари е од првостепено значење. Претстојат преговори врз база на факти, а не на шпекулации, доколку тие права биле повредени. А разговорите за историјата ќе се движат напоредно, така што и Софија и Скопје ќе бидат задоволни“,
додаде Лорер.
Тој оцени дека заедничката историска комисија меѓу Скопје и Софија не предлага напредок и двете страни се чувствуваат незадоволни од тоа што се случува и треба да биде пронајдена нова формула. Нејзина функција, вели тој, треба да биде за да помага, но не да биде и единствена во тој процес.
Лорер додава дека спорот бил длабок и тие дискусии треба да го поминат својот пат, што се случува меѓу сите соседни народи на Балканот.
„Патот, не само на Северна Македонија, туку и на Албанија и останатите земји од регионот е кон ЕУ и Бугарија би сакала, кога Северна Македонија ќе влезе во тој процес, тоа да се случува без правата на македонските Бугари да бидат повредени. Но од друга страна, треба да има економска програма, што ќе ја обезбеди економската благосостојба и ние имаме доста конкретни планови, тоа да се случи“,
вели Лорер, кој ниту потврдува, ниту демантира во врска со тоа дали ќе биде предложен за министер за надворешни работи на Бугарија.
Македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, изјави вчера дека, иако фокусот за одредување датум за почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ е на декеври, во опција е и јануари, со оглед на временскиот теснец до одржувањето на Европскиот самит.