Мицкоски најави дека веднаш по завршувањето на ребалансот на Буџетот ќе следува и исплата на субвенциите за 2025 година

Владата подготвува измени на правилникот за увоз на млеко во прав и палмино масло, како и мерки за намалување на залихите во млекарниците и поддршка на домашните млекопроизводители. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на коалицискиот договор со Демократската партија на Турците.
Според премиерот, актуелната криза во млекарството, која се карактеризира со намален откуп и пад на откупната цена на суровото млеко, е директна последица на лоши регулативи од минатото со кои биле олеснети условите за увоз.
„Проблемот е создаден уште пред неколку години од претходната влада, со измените на правилникот со кои беа намалени критериумите за увоз на млеко во прав и палмино масло. Тоа е суштината. Кај млекарниците сега има полни магацини со производи, а тоа се одразува врз обемот на откуп на млеко од фармерите и влијае врз цената, која се намалува“,
истакна Мицкоски додавајќи дека слична состојба има и во регионот.
Како дел од мерките, како што најави, Владата работи на воведување построги критериуми за увозот на млеко во прав и за економските оператори што го увезуваат, при што приоритет ќе биде заштитата на домашните производители.
„Со новиот правилник се воведуваат построги критериуми што се однесуваат на млекото во прав и на економските оператори што го увезуваат. Во периодот што следува, наш примарен интерес се домашните фармери, односно млекопроизводителите од нашата земја“,
рече тој.
Исто така, рече дека ќе има активности за стимулирање договори меѓу млекопроизводителите и преработувачите, како и обезбедување средства од општествено одговорни компании за откуп на вишоците производи од магацините на млекарниците.
Мицкоски најави дека веднаш по завршувањето на ребалансот на Буџетот ќе следува и исплата на субвенциите за 2025 година.
„Само за потсетување, во 2024 година не беа исплатени субвенциите за 2023 година, кога ние ја презедовме власта. Сега зборуваме за субвенции што ќе бидат исплатени за 2025 година, што значи дека процесот се одвива тековно“,
додаде Мицкоски.
