Зоран Јованов се товари за кривичното дело предизвикување на општа опасност бидејќи, според ОЈО Скопје, му го давал возилото „пежо 207“ на својот син иако знаел дека тој не смее да вози зашто нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни прекршоци

„Нови членови во законот, а потоа во Судскиот совет“ и „Експертски судски реформи“. Транспаренти со ваква содржина, на кои стои своевиден потпис „Кој е следен“ денеска беа поставени пред Основниот кривичен суд Скопје, а пред почетокот на судскиот процес против таткото на Васил Јованов, момчето кое на крајот од јануари смртно ја прегази младата Фросина Кулакова на раскрсница на булеварот „Партизански одреди“.
Инаку, неформалната иницијатива „Кој е следен“ ги организираше протестите по сообраќајната несреќа барајќи правда за Фросина.
Зоран Јованов се товари за кривичното дело предизвикување на општа опасност бидејќи, според ОЈО Скопје, му го давал возилото „пежо 207“ на својот син иако знаел дека тој не смее да вози зашто нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни прекршоци ,и тоа: „сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година“, соопштија од ОЈО Скопје.
Според обезбедените докази на Обвинителството, Зоран Јованов во период од 4 ноември 2022 до 30 јануари 2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите дејствија можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.
Во судницата не е присутен обвинетиот Зоран Јованов, додека присутни се таткото на Фросина, Тодор Кулаков, како и нејзината сестра.
Инаку, Васил Јованов на 13 мај беше осуден на 12 години затвор за сообраќајката во која ја усмрти младата Фросина Кулакова.