САД и ЕУ одлучија да испратат и нов пакет воена помош за украинските сили. Американскиот е во вредност од 800 милиони долари, а европскиот тежи 543 милиони долари
Претседателите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија се последните државници кои ја посетија Украина и разговараа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Литванецот Гитанас Науседа, Полјакот Анджеј Дуда, Естонецот Алар Карис и Летонецот Егилс Левитс во Украина пристигнаа со воз, за како што рекоа, да му дадат поддршка на украинскиот колега во „клучните моменти“. Пред да тргнат на заедничкото патување, тие се состанаа во Ржешов, град во југоисточна Полска.
Претседателите го посетија и опустошениот град Бородјанка, кој се наоѓа во близина на Киев.
„Овде темната страна на човештвото го покажа своето лице“,
напиша Наузеда на Твитер, додека литванскиот претседател го опиша градот како место кое е натопено со страдања и болка.
Дуда, пак, објави заедничка фотографија со претседателите.

Телефонски, пак, Зеленски денеска разговарал со американскиот претседател Џо Бајден кој го информирал за американската помош за Украина. Разговорот траел околу еден час.
Зеленски на Твитер напиша дека разговарале за руските воени злосторства и се согласиле да се засилат санкциите против Русија. Тој, исто така, информира дека дискутирале за дополнителен пакет одбранбена и можна макрофинансиска помош за Украина.
Пакетот помош за вооружување, како што пренесоа западните медиуми, е во вредност од 800 милиони долари и вклучува артилериски и радарски системи за чие користење можеби ќе треба и дополнителна обука на украинските војници. Исто така, тој опфаќа и стотици проектили и дронови, оклопни возила, противпешадиски мини, панцири и хемиска, биолошка, радиолошка и нуклеарна заштитна опрема.
Покрај САД, денеска и Европската Унија одобри дополнителни 543 милиони долари воена помош за Украина, со што вкупниот износ досега достигна 1,63 милијарди долари помош. Целта е да ѝ се помогне на украинската страна да се одбрани од руските сили.
Новиот европски пакет помош ќе го финансира снабдувањето со опрема и материјали за украинските вооружени сили, што вклучува „лична заштитна опрема, комплети за прва помош и гориво“.
„Додека Русија се подготвува за офанзива во источна Украина, од клучно значење е да продолжиме и да ја зајакнеме нашата воена поддршка за Украина со цел да ја одбраниме нејзината територија и население и да спречиме понатамошно страдање“,
рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Меѓу поважните вести кои стигнаа од Украина попладнево е и што обвинители за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд ја посетија Буча, местото од каде сликите со убиени цивили по улици и масовни гробници го шокираа светот. Како што тврдат украинските власти, станува збор за стотици жртви убиени од руските сили.

„Имаме разумни основи да веруваме дека се вршат воени злосторства што се во јурисдикција на судот“,
рече главниот обвинител, Карим Кан опишувајќи ја Украина како место на злосторството.
?Procureur #KarimAAKhanQC à #Boutcha: «#Ukraine est une scène de crime. Nous sommes ici parce que nous avons des motifs raisonnables de croire que des crimes relevant de la compétence #CPI sont commis. Nous devons transpercer le brouillard de la guerre pour parvenir à la vérité» pic.twitter.com/XxPB1iyZsl
— CPI-Cour pénale int. (@CourPenaleInt) April 13, 2022