Според премиерот, на овој начин тој и неговото семејство станаа партнери во овој процес, за да можат државата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата, врз основа на добиените податоци од пописот, да обезбедат подобар живот за сите граѓани
Премиерот Зоран Заев, заедно со своето семејство во својот дом во Струмица, ја исполни граѓанската должност и законска обврска и ја спроведе постапката за попишување, соопштија денеска од Владата.
Според Заев, на овој начин тој и неговото семејство станаа партнери во овој процес, за да можат државата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата, врз основа на добиените податоци од пописот, да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија.

„Остануваат уште четири дена до крајот на најважната и најсложена статистичка операција – пописот на населението, домаќинствата и становите, што ја спроведува Државниот завод за статистика. По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните”,
рече премиерот Заев.
За оваа операција да биде целосно успешна останува и понатаму апелот, нагласи Заев, да ги пречекате попишувачите и низ едноставна постапка и за многу кратко време секој граѓанин да го даде својот придонес и со тоа да имаме успешен попис, како гаранција за сигурна и предвидлива иднина за сите нас.
Пописот 2021 почна на 5 септември, по едно одложување годинава, а завршува на 30 овој месец.
Спореде последните податоци што вчера ги објави ДЗС, до 24 септември биле попишани 1 395 000 граѓани, над 435 000 домаќинства и над 600 000 станови, а се самопопишани 195 477 граѓани од дијаспората.
Од вчера се отворени повеќе пунктови низ општините за граѓаните сами да отидат да се попишат, доколку досега не се попишани, а со цел, како што велат од ДЗС, никој да не биде пропуштен во пописот.