Ако едно семејство во просек имало месечен трошок од 2 100 денари за топлинска енергија, сега тој трошок ќе изнесува 2 200 денари. Одлуката на РКЕ ќе се применува од 1 февруари
Од 1 февруари скопјани ќе плаќаат поскапо парно за 5,03 проценти. Тоа, како што денеска на прес-конференција изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, за едно просечно домаќинство во Скопје ќе значи зголемување на месечниот трошок за парно за 100 денари.

Ако едно семејство во просек имало месечен трошок од 2 100 денари за топлинска енергија, сега тој трошок ќе изнесува 2 200 денари. Одлуката на РКЕ ќе се применува од 1 февруари.
Основната причина за покачувањето на цената на парното, како што рече Бислимоски, е зголемување на цената на природниот гас на европските берзи во последниот квартал на 2024 година, како и намаленото учество на топланата ТЕ-ТО во обезбедувањето на вкупните потреби на топлинска енергија за Скопје.
„Оваа одлука е донесена пред сè поради тоа што цените на природниот гас на европските берзи во последниот квартал од 2024 растат и за жал, и во јануари и во февруари имаме ист таков тренд. Лани кога знаевме дека цената на гасот ќе паѓа направивме намалување на цената за топлинска енергија на останатите потрошувачи за 35 проценти, исто така, и во текот на летото кога ги тргнавме субвенциите цената ја намаливме за 3 проценти“,
изјави Бислимоски на денешната прес-конференција.
Најави дека во текот на февруари ќе се носи одлука и за потрошувачите во Железара и Автокоманда бидејќи, како што рече, најави за зголемување на цената на парното во тој дел од градот ќе поднесе и топлификација Скопје Север. Одлуката за овие потрошувачи ќе стапи во сила од 1 март.
