Од ИЈЗ велат дека кај граѓаните не треба да се јавува паника

Посетителка на скопската Зоолошка градина денеска побарала да се тестира за птичји грип, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Според информациите, жената прво отишла на Инфективна клиника од каде што била препратена во Институтот за јавно здравје. Андоновска вели дека таа била тестирана во ИЈЗ и оти се чекаат резултатите.
Андоновска, во изјава за МИА, вели дека кај граѓаните не треба да се јавува паника бидејќи, како што вели, штом вработените што секојдневно биле во контакт со животните во Зоолошката се негативни на тест за птичји грип, многу мали се шансите некој од посетителите да го има вирусот.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Фадил Цана, во куса изјава за МИА, исто така, посочува дека нема простор за паника кај граѓаните, кога е во прашање птичјиот грип.
Според Цана, како што е моменталната состојба, нема простор за паника ниту кај сезонскиот грип, а камоли кај птичјиот.
Вчера од ИЈЗ рекоа дека резултатите од двајца вработени во скопската Зоолошка градина што беа тестирани за птичји грип се негативни.
ИЈЗ излезе и со препораки до граѓаните во кои се наведува дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени или мртви птици.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение информираше дека во Зоолошката градина во Скопје било утврдено присуство на птичји грип кај пцовисана птица. Како што додадоа оттаму, бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на неколку видови птици.