„Верувам дека една таква европска влада во Бугарија ќе се залага за зачленување на целиот Западен Балкан во ЕУ бидејќи тоа е единствена алтернатива за економски просперитет на сите граѓани од нашиот регион“, порача премиерот од заедничката прес-конференција со својот словенечки колега Роберт Голоб
Премиерот Димитар Ковачевски очекува дека Бугарија на вчерашните парламентарни избори избрала политичка влада којашто, како што кажа, целосно ќе биде ориентирана кон принципите на Европската Унија, кон принципите на проширување на ЕУ и кон градење на добрососедски односи, не само со Северна Македонија туку и со другите земји од соседството.
Ковачевски ова го изјави за време на заедничката прес-конференција со својот словенечки колега Роберт Голоб за време на неговата денешна посета на Словенија, прашан од новинар да ги коментира изборите во Бугарија во контекст на тоа дали земјава ќе може да најде заеднички јазик со новата бугарска влада.

„Како држава сосед посакуваме Бугарија да избере политичка влада којашто ќе биде ориентирана кон стопроцентно придржување на принципите на Европската Унија, на принципите на проширување на Европската Унија, на почитување на сите свои соседи и градење на добрососедски односи и со нашата држава и со другите соседи, со оглед на тоа дека, исто како и ние, верувам дека и една таква европска влада во Бугарија ќе се залага за зачленување на целиот Западен Балкан во ЕУ бидејќи тоа е единствена алтернатива за економски просперитет на сите граѓани од нашиот регион“,
нагласи премиерот Ковачевски од Словенија.
Ковачевски нагласи дека македонско-бугарските односи се базираат на институционална комуникација со релевантни институции и потенцира дека сите договори кои земјава ги направила со Бугарија во периодот на енергетската криза биле испочитувани од бугарска страна, но како проблем го посочи тоа што во оваа земја подолго време функционира влада со технички мандат.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб, одговарајќи на истото прашање, кажа дека верува оти новата влада во Бугарија ќе има разбирање за прашањето на Северна Македонија, зашто, како што кажа, се работи за држава чие барање за влез во Шенген-зоната беше одбиено и согласно тоа е свесна како е кога некој ќе те исклучи од постапката на понатамошна европска интеграција.
„Мислам дека се работи за јасна порака дека нема друг пат за Бугарија и за Северна Македонија и дека се работи за ист процес, а не за два процеса. Можеби само поради тоа да некој не ја зема предноста. Тоа е дискурс кој ќе го имаме во Брисел сигурно“,
потенцира словенечкиот премиер.
Во Бугарија вчера се одржаа парламентарни избори на кои, според последните податоци објавени од Централната изборна комисија, води коалицијата ГЕРБ-СДС со 26,67 отсто од гласовите.
Овие избори беа петти по ред во две години откако и по последните избори ниту една партија и коалиција не успеа да формира влада поради што Бугарија функционираше со службена влада.