Државниот секретар на португалското Министерство за европски прашања, Тијаго Антуњеш, вчера, а во пресрет на неформалниот состанок на Европскиот совет што ќе се одржи в петок во Гранада, Шпанија, рекол дека ставот на Лисабон е дека проширувањето на ЕУ е апсолутен проиоритет, но за тоа да се случи е потребно Унијата да ги забрза внатрешните реформи за да може да прима нови членки, а земјите кандидатки да ги исполнат своите задачи
Португалската влада смета дека проширувањето на Европската Унија (ЕУ) не треба да има фиксни рокови и дека институциите на Унијата треба да се реформираат за да се приспособат на нови земји членки, особено кога станува збор за одлучување. Исто така, според Лисабон, неопходно е и земјите кандидатки да ги исполнат своите задачи, во смисла на спроведување на реформите неопходни за членство во ЕУ.
„Не е мудро да се поставуваат фиксни или многу конкретни рокови. Процесот на проширување се заснова на сопствените заслуги на кандидатите и на проценка на нивниот капацитет и исполнување на критериумите од Копенхаген“,
рекол вчера државниот секретар за европски прашања на Португалија, Тијаго Антуњеш, пренесува „Еурактив“.
Говорејќи на сослушувањето на парламентарната комисија за европски прашања пред неформалниот состанок на Европскиот совет што ќе се одржи в петок во Гранада, Шпанија, Антуњеш посочил дека проширувањето на ЕУ ќе биде „централниот дел“ на состанокот.
„Тоа е апсолутен приоритет, кој од суштински геополитички причини доби ново значење, како за земјите од Западен Балкан, кои најдолго чекаат, така и за источното трио Украина, Молдавија и Грузија“,
рекол тој.
Инаку, како што потсетува и „Еурактив“, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на крајот на август на Стратешкиот самит во Блед, Словенија, порача дека ЕУ мора да биде подготвена за ново проширување до 2030 година.
Берлин и Париз, наведува порталот, ја делат амбицијата за 2030 година како краен рок, под услов да се спроведат неопходните институционални реформи во ЕУ, а еден од предлозите на маса е и промена на принципот на донесување на одлуките со консензус од страна на сите земји членки.
Сепак, политичарите во Берлин, пишува „Еурактив“, очекуваат одредени земји членки, наведувајќи ја Полска како пример, да се спротивстават на овие реформи и покрај тоа што Варшава е жесток поборник за итно членство на Украина во Европската Унија.
„Постои консензус дека проширувањето е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста во Европа. Сакаме тоа да се случи, се надеваме што е можно поскоро“,
рекол Антуњеш на вчерашното сослушување пред парламентарната комисија за европски прашања.
Португалија е на ставот дека ЕУ треба да ја забрза работата што ќе го овозможи ова проширување, како за земјите кандидати, така и за самата Унија, така што двете страни „да бидат подготвени кога ќе дојде тој момент“, рекол тој.
„Земјите кандидати мора да го забрзаат својот реформски процес, особено за владеењето на правото, што е суштински и основен аспект. Исто така, наша обврска е да обезбедиме техничка помош и да им помогнеме на земјите кандидати во овој исклучително тежок процес на подготовка и интегрирање во законодавството на Унијата“,
рекол португалскиот државен секретар за европски прашања.
Антуњеш, исто така, истакнал дека Португалија веќе дала до знаење и предупредила за неопходноста од реформи во Унијата, во контекст на нејзиното проширување со нови членки.
Со тоа што одлучувањето е „веќе доста тешко со 27 (земји членки), тешкотиите ќе бидат уште поголеми со потенцијално 35 или 36 членки“, додал тој.
„Ова бара да се размислува за тоа што треба да се промени за да можеме ефективно да функционираме со повеќе и поразновидни земји членки“,
рекол Антуњеш.
Како што посочил тој, проширувањето ќе влијае на три различни нивоа – на институционално ниво; на процесот на донесување одлуки, во однос на главните европски политики, како што се заедничката земјоделска политика или политиката на кохезија и на буџетско ниво, со значителни буџетски импликации.
Проширувањето „ќе има своја цена“, а тоа „ќе мора да се предвиди во дискусијата за следната повеќегодишна финансиска рамка“, подвлекол државниот секретар за европски прашања на Португалија.