Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска е позитивна на ковид-19, информираше вечерва на својот профил на Фејсбук.
„Би сакалa да ве информирам дека вечерва добив позитивен резултат за Ковид 19. Немам симптоми и се чувствувам добро, но се тестирав заради сигурност со оглед на моите професионални, но и приватни активности. Сметав дека така е правилно и одговорно. Во текот на утрешниот ден ќе бидат тестирани и моите деца и сопруг. Во овој период секој мора да биде одговорен, апелирам за строго почитување на мерките, не 99, туку 100 % почитување на сите мерки за заштита на здравјето.Чувајте се!“,
напиша Кузеска на Фејсбук.
Кузеска во неделата присуствуваше на партискиот конгрес на СДСМ.

Откако доцна синоќа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски објави дека има позитивен резултат на тестот за ковид-19 беа најавени епидемиолошки анкети на неговите контакти.
Од СДСМ посочија дека за време на партискиот конгрес ги почитувале сите мерки, но ако здравствените власти одлучат некој да оди во изолација, дополнително ќе ја информираат јавноста.
Дали некој од контактите на Спасовски во МВР или од СДСМ ќе оди во изолација, засега нема информации.
Премиерот Зоран Заев рече дека иако немал контакти со Спасовски надвор од здравствените протоколи, сепак, ќе направи тест, за кој денеска кажа дека е негативен.