Пристигнувањето на архиепископот Стефан и владиците во Белград е по повод утрешната заедничка литургија за помирување што ќе се одржи во храмот „Свети Сава“ во главниот град на Србија
Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, на социјалните мрежи објави видео од пречекот на архиепископот Стефан и владиците од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во Белград.
„Како што бијат камбаните на храмот ’Свети Сава‘, така и нашите срца бијат од радост за овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојде брате, архиепископе Стефан и владици. Добредојдовте во заедницата на љубовта вие и целиот ваш богољубив народ. Браќа сме и само браќа!“,
напиша Порфириј во објавата со видеото.
Пристигнувањето на архиепископот Стефан и владиците е по повод утрешната заедничка литургија за помирување што ќе се одржи во храмот Свети Сава во Белград.
Литургијата за помирување доаѓа откако Соборот на СПЦ пред два дена соопшти дека за Македонската православна црква го прифаќа статусот на најширока можна автономија односно целосна внатрешна независност, кој ѝ бил доделен уште во 1959 година.
Ставот на српската црква дојде по одлуката од 9 мај на Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. Тогаш во соопштението Вселенската патријаршија наведе и дека се остава на најсветата црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
Пред заминувањето за Белград, во Скопје координативна седница имаше и Синодот на МПЦ-ОА, а владиката Тимотеј, кој воедно е и портпарол на Синодот, изјави дека се надева оти до крајот на месецов СПЦ до Вселенската патријаршија ќе испрати предлог за автокефален статус на МПЦ.