Резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се вратиле на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година
Во периодот од 2018 до 2022 година јазот меѓу 10 отсто ученици со најдобри и најлоши резултати се намалил и на полето на математиката и на читањето и науката. По математика, најслабите станале подобри, но најдобрите ослабнале
Македонските средношколци се на 61. место според резултатите по математика, а на 71. место по јазична писменост од вкупно 81 држава. Учениците постигнале и 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68. место во светот.
Ова го покажува последниот извештај на ПИСА (Programme for International Student Assessment), за резултатите од меѓународното тестирање спроведено во 2022 година, во кое учествувале ученици на 15-годишна возраст од 81 земја во светот.
Според резултатите на средношколците по математика, С Македонија е во друштво на Тајланд, Перу и Колумбија. По добиените поени за јазична писменост, С Македонија е рангирана заедно со Индонезија и Албанија, а по природни науки сме добиле исто поени со Индонезија, Азербеjџан и Албанија. Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани полиња.

Но, резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се вратиле на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година.
Во периодот од 2018 до 2022 година јазот меѓу 10 отсто ученици со најдобри и најлоши резултати се намалил и на полето на математиката и на читањето и науката. По математика, најслабите станале подобри, но најдобрите ослабнале.
Според извештајот на ПИСА, во Северна Македонија 34 отсто од учениците покажале најмалку познавање на математиката на ниво 2, значително помалку од просечното ниво во земјите на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), чиј просек е 69 отсто.
Во најмала рака, овие ученици можат да толкуваат и препознаат, без директни инструкции, како една едноставна ситуација може математички да се претстави.
Околу еден отсто од учениците во земјава биле најдобри по математика, што значи дека го постигнале нивото 5 или 6 на тестот по математика на ПИСА. На овие нивоа, учениците можат математички да моделираат сложени ситуации и можат да изберат, споредат и оценат соодветни стратегии за решавање и справување со проблемите.
Дваесет и шест отсто од учениците во земјава постигнале ниво 2 или повисоко во читање, а просекот на ОЕЦД е 74 отсто. Во основа, овие ученици можат да ја препознаат главната идеја во текст со средна должина, да најдат информации на основа на експлицитни, иако некогаш сложени критериуми и да се осврнат на целта и формата на текстот.
Според извештајот, во Македонија речиси и да нема ученици со постигнато ниво 5 или повисоко во читање, а просекот на ОЕЦД е 7 отсто. Учениците кои се на тоа ниво можат да разберат долги текстови, да се справуваат со концепти кои се апстрактни и да разликуваат факт од мислење врз основа на имплицитни знаци што се однесуваат на содржината или изворот на информацијата.
Триесет и пет отсто од учениците во Македонија постигнале ниво 2 или повисоко во полето на науката, а просекот на ОЕЦД е 76 отсто. Во основа, овие ученици можат да го препознаат точното објаснување за слични научни феномени и да го искористат тоа знаење за во едноставни случаи да идентификуваат дали заклучокот е валиден врз основа на обезбедените податоци. Во земјава, според извештајот, речиси и да нема ученици со врвни резултати во наука, односно ученици кои достигнале ниво 5 или 6, а просекот на ОЕЦД е 7 отсто. Тие ученици можат креативно и автономно да го применат знаењето од полето или за науката во различни ситуации, вклучително и во непознати.
Во однос на тоа како социо-економската состојба влијае врз знаењето на учениците, во извештајот се наведува дека во Македонија учениците кои имаат подобра социо-економска состојба (топ 25 отсто во однос на статусот) имаат подобри резултати од оние што имаат лоша состојба (25 отсто со најлоша социо-економска состојба) за 76 поени кога станува збор за математика. Ова е помалку од просечната разлика меѓу двете групи во ОЕЦД, која е 93 поени.
Девојчињата подобри од момчињата во читање и математика
Во однос на родовите разлики, извештајот покажува дека девојчињата се подобри од момчињата во математика и во читање.
Девојчињата ги надминале момчињата по математика со 6 поени, а во читање со 26 поени. На глобално ниво, пак, во математиката момчињата ги надминале девојчињата во 40 земји и економии.
Во Северна Македонија, 58 отсто од учениците изјавиле дека нивната училишна зграда била затворена повеќе од три месеци поради ковид-19. Во просек, низ земјите на ОЕЦД, 51% од учениците доживеале слично долго затворање на училиштата. Во образовните системи каде што перформансите останаа високи, а чувството на припадност кај учениците се подобри, помалку ученици доживеаја подолго затворање на училиштата.
Според Министерството за образование и наука, разликата во резултатите за нашата земја, споредено со тестирањето пред пет години, е минимална, па така С Македонија го задржува нивото кое беше измерено во 2018 година.
„Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61. место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71. место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68. место во светот“,
соопшти МОН.
Министерството посочува дека резултатите од меѓународното ПИСА-тестирање 2022 покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15-годишна возраст во речиси сите држави учеснички, а тоа како што велат се должи на негативните последици од пандемијата со ковид-19 врз квалитетот на образованието во глобални размери.
„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање проблеми“,
соопшти МОН.
Министерството посочува дека ПИСА-тестирањето првпат кај нас се реализираше електронски и дека ОЕЦД дала висока оценка која, како што наведува, „ја потврдува техничката подготвеност на Северна Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20 проценти од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето“.
Земјава на ПИСА во 2022 година учествува по четврти пат, а претходните учества беа во 2000, 2015 и 2018 година.
Тестирањето во април и мај 2022 година го реализираше Државниот испитен центар.
Биле опфатени 6 610 ученици од 111 средни училишта каде што се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и на албански јазик.
Што е ПИСА?
ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години во три подрачја:
- оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето пишани материјали;
- математичка писменост, како читање, интерпретирање и решавање на даден проблем со организирање и толкување на дадени информации и избирање метод за решавање;
- писменост во природните науки, препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.