По пет дена лекување на Инфективната клиника во Скопје, Марјан Лазовски еден од најпознатите македонски кошаркарски тренери денеска почина поради компликации од ковид-19.
Од Министерството за здравство за „360 Степени“ велат дека 58- годишниот Лазовски бил примен на Инфективната клиника на 14 декември и бил во многу тешка состојба, а претходно подолг период се лекувал дома.
Лазовски ја предводеше македонската машка кошаркарска репрезентација на олимписките квалификации во Венецуела во 2011 година, а претходно му беше асистент на селекторот Марин Докузовски во освојувањето на четвртото место на Европското првенство во Литванија.
Тој ја предводеше и македонската сениорска женска репрезентација, а со младинската машка репрезентација настапи на Европско првенство.
Лазовски водеше и низа домашни екипи, како МЗТ, Пелистер, Торус и Работнички.
„Денеска, македонската кошарка загуби уште едно големо име…Ни остави само сеќавања на својот ведар дух и голема добрина, како и огромната љубов кон кошарката. Почивај во мир добар наш Маки“,
порачаа од македонската кошаркарска федерација.