По објавувањето на новата методологија, Урсула фон Дер Лајен оцени дека е испратена добра порака до Западен Балкан, Жозеп Борел очекува да се забрза процесот на пристапување, Тонино Пицула смета дека ЕУ ќе го врати загубениот кредибилитет со одлуката од октомври да не се отворат преговори, а Михаел Рот порача дека сега пред Самитот за Западен Балкан во Загреб конечно треба да се постигне договор за отворање на преговорите
Европската комисија денеска ја објави новата методологија за пристапни преговори со ЕУ, со која треба да се унапреди процесот, со што тој би станал поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив.
Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, по усвојувањето на новата методологија од Европската комисија (ЕК), меѓу другото, порача дека ЕК е подготвена, кога реформите ќе се движат во посакувана насока, еден кластер да се отвори и да се затвори за период од една година.
Подоцна, со изјави за новата методологија излегоа и други претставници на ЕУ.
Урсула фон Дер Лајен: „Вин-вин“ ситуација
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, преку социјалните мрежи, порача дека проширувањето на ЕУ е „вин-вин“ ситуација.
„Добра порака за нашите пријатели на Западен Балкан за процесот на проширување на ЕУ. Денес Европската комисија предлага веродостоен и динамичен план што ќе го постави патот за отворање преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија“,
напиша претседателката на ЕК на својот Твитер-профил.
Борел: ЕУ не е комплетна без Западен Балкан
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, пак, оцени дека предлогот за изменета методологија за пристапниот процес ќе ја врати заемната довербата и ќе го забрза процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.
„ЕУ не е комплетна без Западен Балкан“,
напиша Борел на Твитер.
Тој оцени дека целта на предлогот на Европската комисија е да се отвори патот за подобра меѓусебна доверба меѓу Унијата и регионот и да се направи процесот на пристапување покредибилен и ефикасен.
„Истовремено, наградите ќе доаѓаат побрзо за напорите што ќе ги прават нашите партнери на патот кон членството во ЕУ”, заклучува Борел.
Пицула: Нов импулс на проширувањето и враќање на кредибилитетот
Известувачот на Европскиот парламент за Западен Балкан, Тонино Пицула, во рамки на дебатата во Комисијата за надворешна политика за новата методологија за пристапување, оцени дека во прашање се конкретни предлози за решавање на недоумици што некои членки на ЕУ ги имаат во врска со продолжувањето на процесот на проширување.
„Се надеваме дека презентираната методологија ќе донесе нов импулс во процесот на проширување, како и дека ќе ни овозможи повторно да го воспоставиме кредибилитет во регионот, што го изгубивме со одлуката на Советот да не се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија“,
рече Пицула.
Тој ја повика ЕУ соодветно да одговори по исполнувањето на условите утврдени во пристапниот процес.
Рот: Неопходно е зелено светло за Северна Македонија и Албанија
Државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот, во пишана изјава истакна дека Европската комисија со својот предлог за подобрување на пристапниот процес, успеа да изготви избалансиран документ.
„Предлогот ги зема предвид важните барања на ЕУ, но и на земјите кандидати. Сега, во кругот на ЕУ, дури и пред Самитот за Западен Балкан во Загреб, треба конечно да се постигне договор за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија“,
вели тој.
Рот истакнува дека Северна Македонија и Албанија направиле многу на патот кон ЕУ и оти е неопходно сега да добијат „зелено светло“.
„Двете држави тоа го постигнаа со напорна работа. Дискусијата за подобрување на пристапниот процес не треба дополнително да го одложува почетокот на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија“,
наведува Германецот.
Рот им порача на двете земји дека треба да ја продолжат реформската агенда во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, регионалното помирување и заштитата на малцинствата.