Во никој случај, нема да ги притискаме нашите браќа и да ги лишуваме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави. Но, тоа не значи дека нема да го браниме својот национален интерес, рече кандидатот за премиер, Пламен Николов, во првата изјава за односите со Северна Македонија
Кандидатот за премиер на Бугарија, Пламен Николов, од партијата „Има таков народ“, најавува дека неговата влада, ако ја добие поддршката во парламентот, нема „насилно“ да ги лишува своите браќа од Северна Македонија од можноста за европска иднина, иако ќе води грижа за бугарските национални интереси.
Со сигурност нема да водиме политика на конфронтација, рече Николов, за време на синоќешното гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ).
Конкретно, на прашање на новинарот – дали ќе остане досегашната бугарска позиција кон Република Северна Македонија или ќе се тежнее кон компромис, тој одговара со умерен тон, што може да е сигнал за промена на досегашниот пристап од официјална Софија.
На почетокот на одговорот Николов прави и лапсус, па наместо Договор за добрососедство, вели „Преспански договор“, потенцирајќи дека има неисполнети клаузули од него.

„Знаете за Преспанскиот договор од 2017 година и колку неисполнети клаузули има од него. Тоа е нешто што многу не загрижува. Во никој случај, нема да ги притискаме нашите браќа и да ги лишуваме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави. Но, тоа не значи дека нема да го браниме својот национален интерес. Како точно ќе го направиме тоа, можеби со ревизија на Договорот или со негово преразгледување. Но, тоа е еден момент за кој комисијата за надворешни работи во партијаата ‘Има таков народ’ треба да се состане, да заземе соодветен став, па ако дојдеме до можност да владееме и новата владата ги преземе функциите, ќе видиме што треба да се направи со таа надворешно-политичка линија“,
вели Николов.
На дополнително прашање – дали таа насока ќе биде поблиска до сегашната или ќе биде поразлична, тој кратко одговара:
„Со сигурност нема да биде насока на конфронтација“.
Вчерашната номинација на Пламен Николов за премиер на Бугарија од „Има таков народ“ беше изненадување за бугарските политички партии, кои излегоа со воздржани коментари дека има добра биографија, но е непознат за нив.