Станува збор за иницијатива од пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој смета дека со одредбите од Изборниот законик со кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, четирите најголеми политички партии се фаворизираат со што директно се загрозува политичкиот плурализам

На дневен ред на седница на Уставниот суд денеска се најде иницијативата на пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во однос на рекламирањето на политичките партии, меѓутоа поради недостиг на уставни судии одлучувањето дали ќе се повеќе постапка или не, се одлучи за некоја од наредните седници.
Извештајот за предметот на седницата го претстави судијата Насер Ајдари, а излагања имаа и судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу. По изнесените ставови, поради очигледното сценарио дека нема да се добие потребниот број гласови за да се донесе одлука, предметот беше повлечен.
„Предметот се одложи за некоја наредните седници, по изборот на нови судии“,
соопштија од Уставен.
Што е спорно според Трајанов
Иницијативата на претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, ги спори членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплата на средствата.
Со оглед дека на четири најголеми партии (две од власта и две од опозицијата) им се дава најголем простор и средства за рекламирање, пратеникот Трајанов наведува дека тие се фаворизираат со што директно се загрозува политичкиот плурализам.
„Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар“,
пишува во објаснувањето од Уставен за иницијатива.
До каде е изборот на уставни судии
Уставниот суд во моментов функционира со пет од предвидените девет судии и е на раб од потребниот кворум и за одржување седници.
Без тројца судии остана уште кон крајот на мај 2021 година, кога им заврши мандатот на Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, а четвртото столче се испразни на крајот од јануари 2022 година со истекот на деветгодишниот мандат на Јован Јосифовски.
Повеќе од една година пратениците не може да изберат судии поради несогласувања и блокади, а потоа и поради локалните избори и прекројување на мнозинството во Собранието и промените во составот на Комисијата за прашања за изборите и именувања.
На почетокот на јуни 2022 година конечно беа утврдени предлози, по кои веќе започна да тече расправата во собраниската комисија.
Утврдени се девет предлози од кои Комисијата за прашања за изборите и именувањата треба да предложи три имиња кои потоа треба да бидат изгласани и на пленарна седница.
Од деветте предложени имиња, три доаѓаат како предлог на владејачкото мнозинство и станува збор за: државниот обвинител Љубомир Јовески; судијата Фатмир Скендер од Апелацискиот суд Скопје кој пред да биде избран за судија (во 2013 година) работел во Општина Центар Жупа; и правничката Татјана Васиќ, која била советник во неколку институции како што се министерствата за правда и здравство.
Преостанатите шестмина предлози, пак, се предлози од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив има двајца обвинители: Тодор Витларов, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Штип и Воислав Димоски, кој е актуелен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид. На предлог на опозицијата се и пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, Саво Климоски, кој е и поранешен пратеник и претседател на Собранието, како и уште една професорка од Правниот факултет, Родна Живковска. Другите две имиња кои се предлог на ВМРО-ДПМНЕ се управната судијка од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Во Комисијата заврши расправата само за двајца: за апелацискиот судија Фатмир Скендер кој ја доби мнозинската поддршка во ова собраниско тело; како и за професорката Родна Живковска која не ја доби поддршката да биде предложена до собранискиот пленум. На минатото продолжение на седницата на 9 јуни, започна расправата за Татјана Васиќ-Бозаџиева, но за неа сè уште не е гласано.