На Меѓународниот аеродром во Скопје се одложени неколку летови поради маглата што ја зафати Скопската Котлина во изминатото деноноќие.
Според најновите информации на веб-страницата на Скопскиот аеродром, одложени се летовите од Истанбул, Дортмунд и Ајндховен.
Како што е објавено на веб-страницата, одложено е и полетувањето кон Фридрихсхафен и кон Истанбул. Синоќа бил откажан летот од Истанбул, додека летот од Цирих бил пренасочен.
Вчера попладне, пак, по 16 часот не слетал авионот на „Сан експрес“ од Анталија, како и авионите на „Визер“ од Меминген и Баден Баден.
Авионот на „Лот“ од Варшава исто така не успеал да слета на Скопскиот аеродром и се вратил назад кон Полска.
На патниците им се препорачува да ги следат официјалните канали на Скопскиот аеродром и да бидат во контакт со авиокомпаниите за најновите информации околу летовите.