Анкетата беше спроведена во средата и четвртокот откако обвинителите во Њујорк во вторникот го обвинија Трамп по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги
Американците се поделени околу гонењето на поранешниот претседател Доналд Трамп, но апсењето се чини дека ги зголемило неговите шанси да ја добие републиканската номинација во 2024 година, покажа вчера анкетата на „Ројтерс“ и ИПСОС.
Анкетата беше спроведена во средата и четвртокот откако обвинителите во Њујорк во вторникот го обвинија Трамп по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги.
Истражувањето покажа дека 49 отсто од Американците сметаат дека е правилно обвинителите да го отворат првиот кривичен случај против американски претседател или поранешен претседател.
Околу 84 отсто од оние што се изјасниле како демократи рекле дека обвиненијата се оправдани, додека со тоа се согласиле само 16 отсто од републиканците.
Околу 40 отсто од републиканците рекле дека тоа ги прави поголеми шансите да гласаат за Трамп во 2024 година, додека 12 отсто рекле дека тоа ги прави помали шансите за да го поддржат. Други 38 отсто рекле дека сè што се случило со Трамп немало влијание врз нивното мислење.
Трамп води во трката за републиканска номинација со голема разлика, а 58 отсто од републиканците изјавија дека тој е нивниот омилен кандидат. Тоа е повеќе од 48 отсто во анкетата на „Ројтерс“ и ИПСОС објавена во понеделникот.
Додека демократите и републиканците се длабоко поделени околу процесирањето на случајот, истрагата откри цврсто верување дека Трамп договорил исплати на порноѕвездата Сторми Даниелс и манекенката Карен Мекдугал за да молчат за наводните вонбрачни афери.
Така веруваат околу 73 отсто од Американците, вклучително и 55 отсто од републиканците.
Сепак, 76 отсто од републиканците веруваат дека некои од органите за спроведување на законот работат на делегитимирање на Трамп преку политички мотивирани истраги, во споредба со 34 отсто од демократите.
Околу 51 отсто од сите испитаници, но само 18 отсто од републиканците, рекле дека обвинувањата би требало да го дисквалификуваат Трамп повторно да се кандидира за претседател.
Во истражувањето учествувале 1 004 возрасни лица.