Новинарот Љупчо Поповски во дебатата на „360 степени“ зборуваше за предвидувањата, за тоа колку долго би можела да трае ваквата „лимбо“ ситуација во која се наоѓа Македонија и реакцијата на меѓународната заедница.
– Мислам дека ќе не остават едно време да видиме дали ќе можеме ние да стигнеме до нашата 15-година, па да го полагаме тој ПИСА текстот, па да видиме дали ќе положиме математика – вели Поповски.
Тој рече дека не би сакал да прогнозира до кога би траела ваквата ситуација.
– Тоа би биле предвидувања коишто се надвор од нашите елементарни и длабоки познавања на настаните. Но, она што се случува во овие денови со писмата што се објавија, гледам дека работите кај меѓународната заедница во некоја мера се завршени. Пораката е испратена – доколку вие сакате уште подолу да тонете, продолжете. Ние ќе ви помогнеме, не со чекори, туку со тоа што ќе ве оставиме на страна, да потонете уште подлабоко. А како општеството наше тоа ќе го преживее? Бидејќи Собранието може да не се состане до септември. Меѓутоа, треба да се прави ребаланс на Буџет, треба да се носи нов Буџет, треба закони да се носат, треба да издадеме Еврообврзница некаде во јуни, и тогаш е потребно Собранието, бидејќи со закон се издава. Некои најобични работи коишто се потребни за функционирањето на државата треба да се направат во Собранието. Освен ако не се воведе вонредна состојба, па да се распушти и да функционираме со укази – рече Поповски.