Ова е трета средба Заев – Ахмети од 4 август до денеска како дел од преговорите за формирање парламентарно мнозинство и влада
До овој состанок двете страни постигнаа согласност за принципите на „евентуалната заедничка владина програма“, но не и конечен договор за продолжување на заедничкото владеење
Во Собранието попладнево се одржува средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети на која се договара идната владина коалиција.
Пред почетокот на средбата, Ахмети, за ТВ 24, на прашањето како ја толкува изјавата на Заев дека со поканата за средба на сите политичлки партии на Албанците за годишнината од Рамковниот договор, ДУИ прави притисок врз СДСМ, тој кусо одговори: „Нема притисок“.

На прашањето дали ќе формираат владино мнозинство, Ахмети исто така кусо одговори: „Ќе формираме“.
Заев пред почетокот на средбата, само кусо рече дека во овој момент нема коментар.
Средбата денеска следи откако Заев денеска во изјава за ТВ 21 рече дека ДУИ врши притисок врз него и коалицијата „Можеме“ за премиерското место, со тоа што ги повика на заедничка средба в четврток сите парламентарни партии на Албанците по повод годишнината од Рамковниот договор.