За договорот информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на средбата во Клубот на пратеници, која траеше повеќе од два часа
Пописот, наместо од 1 до 21 април, да се одржи од 5 до 30 септември (25 дена), а локалните избори, наместо во првата половина на октомври, да се одржат во втората половина од тој месец, е договорот што го постигнале лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на денешната тет-а-тет средба во Клубот на пратеници.
За ова информираше Мицкоски по завршувањето на средбата и посочи дека е постигнат договор и за измени на Изборниот законик, така што уште утре во Собранието ќе почне постапката во врска со набавката на скенерите за отпечатоци од прст. Како што рече Мицкоски, биле отворени и прашањата за избор на градоначалник во еден круг, како и за гласање на дијаспората на парламентарни и на претседателски избори надвор од ДКП.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваат средбата како успешна, а Мицкоски, исто така, најави деблокада на парламентот и посочи дека опозицијата ќе работи во Собранието заедно со мнозинството за сите закони што произлегуваат од ЕУ-агендата, како и за реформските и законите за поддршка на стопанството.